Барди веќе подолго време се поврзува со многу клубови, но после испаѓањето неочекувано објави еден статус кон навивачите во кој им порача дека „заедно ќе се обидат да го вратат Леванте во елитата“, како најава за можно останување, ама такво сценарио по сѐ изгледа ќе биде тешко остварливо.
Македонскиот репрезентативец е еден од највредните фудбалери на тимот, а весникот „Лас Провинцас“ денеска објави дека Леванте има точно 45 дена за да ги испегла финансиите, за да се покрие загубата од 23,23 милиони евра направена лани, па потребни им се 10 милиони евра од трансфери за клубот да не ја доведе поз знак прашалник својата ликвидност.
Рокот за ова е 30 јуни, според најавите на весникот, па Леванте посакува во овие 45 дена да ги собере парите од продажбата на дел од своите најголеми ѕвезди, а покрај Барди на листата за трансфери се и Аитор, Мелеро, Де Фрутос, Везо, Малса…
Барди во изминативе нешто повеќе од една година се поврзуваше со трансфери во Бетис, Реал Сосиедад (Шпанија), Торино, Лацио, Милан, Фиорентина (Италија), Арсенал (Англија), Борусија Дортмунд (Германија)… Тоа што е сигурно е дека поради испаѓањето на Леванте, клубот нема да може од Барди да добие џиновска отштета, каква што наводно одбил пред една година од Торино од околу десет милиони евра, зашто Шпанците побарале 15 милиони.
Барди во леванте дојде во летото 2017 година после младинското Еуро 2017 од унгарски Ујпешт за само 1,5 милиони евра.