Репрезентацијата на Франција доќивеа и втормннеочекуван пораз на ракометниот турнир на ОИ, откако загуби од селекцијата на Норвешка со 22-27. Скандинавскиот состав доминираше од самиот почеток и сосема заслужено се израдува на втората победа во групата Б.
Норвешка делуваше разлетано по сите страни на теренот и доста бргу започна да ја презема играта во своите раце. Додека Франција грешеше во нападот, ривалот ја полнеше мрежата и полека стигнуваше до четири и пет голови предност. Одлично издание во првото полувреме имаа Грондал и Блонц, во еден момент Норвешка имаше и највисоки +7 (11-16).
Домашната селекција тргна помотивирано во вторите триесет минути, се обиде да ја „стопи“ негативата и се врати на само три гола разлика (17-20). Се чинеше дека тука Франција ќе фати подобар резултатски приклучок, но Грондал и Блонц не дозволуваа нивниот тим лесно да ја испушти позитивата.
На спротивната страна блескаше Дика Мем, кој прикажа маестрална партија и ги одржуваше „галските петли“ во игра со девет голови. Изненадувачкиот налет на Норвежаните продолжи и во следните минути, додека Франција започна да го губи здивот и делуваше дека нема повеќе сили за враќање во мечот. Конечниот резултат гласеше 22-27. Најефикасен кај Франција беше одличниот Дика Мем со десет голови, додека кај Норвешка најдобар поединец беше Александер Блонц со седум гола, а зад него следеа Грондал и Лисе, кои додадоа уште по пет голови.
Франција е во незавидна позиција после двата неочекувани порази, но уште има големи шанси за прогрес во четвртфиналето. „Триколорите“ во следните три натпревари ќе играат со Египет, Аргентина и Унгарија.