Екипата на Фенербахче предводен од Жозе Мурињо дома во Истанбул тешко ја оправда улогата, победи со 2-1 против швајцарски Лугано и оди во третиот филтер за место во елитата.
Турскиот клуб важеше за огромен фаворит, но доста се изнамачи на овој натпревар, иако Мурињо можеше да смета на сите играчи. Лугано уште во седмата минута му даде гол на Фенер преку Белхаџ, а потоа имаше уште една убава шанса да зголеми на 0-2, но не успеа.
Шансите турскиот првак да остане во елитата ги зголеми Един Џеко, кој по еден прекин успеа со глава да погоди во 59. минута, а потоа, кога Лугано тргна на се или ништо, пресвртот го донесе Себастијан Шумански во 93. минута по асистенција на Душан Тадиќ. Фенербахче за место во плеј-офот го чека двомеч со француски Лил.
Кипарски АПОЕЛ исто така оди во следната рунда затоа што одигра реми кај Петрокуб од Молдавија (1-1) и ја одбрани победата извојувана на домашен терен во првата средба. Домаќинот поведе преку Платица и ја анулира негативата, меѓутоа во 65. минута за Кипраните возврати Маркињос и тоа беше златен гол во овој дуел.
Спарта Прага во ефикасен натпревар вторпат во двомечот славеше над Шамрок Роверс од Ирска (4-2). Четири различни стрелци имаше кај чешкиот тим, тоа беа Олатунџи, Рос, Соренсен и Туци, додека за гостинот двапати погоди Грине, еднаш во првото и еднаш во второто полувреме од мечот на „ЕПЕТ Арената“ во Прага.
Претходно, Карабах од Азербејџан со сигурни 5-0 го декласира Линколн Ред Импс од Гибралтар и така со вкупни 7-0 оди во следната рунда од Лигата на шампионите. Жунињо имаше свое шоу во првиот дел со хет-трик, а по еднаш во вториот дел погодија Бензија и Леандро Андраде.