Шкупи ја победи Ренова, ги освои трите потребни бодови и стана шампион на Македонија. За чаирскиот клуб ова е вкупно четврта титула, прва под ова име.
Тимот на Гоце Седлоски оваа сезона беше убедливо најдобар во македонскиот шампионат и само прашање на време беше кога ќе стигне и официјално до заслужениот трофеј.
Денеска со два гола во финишот ја победија Ренова, по што славјето можеше да почне. Најпрво Адетунџи со глава во 80. минута даде гол за водство од 1-0, а потоа Да Силва во судиското продолжение ги постави конечните 2-0.
Во останатите денешни натпревари Шкендија со 3-1 ја совлада Македонија Ѓорче Петров, Струга со 4-0 беше подобра од Пелистер, а Тиквеш со 5-0 го победи Борец.