Македонската машка ракометна репрезентација претрпе пораз од Хрватска, на првиот од двата предвидени натпревари на „Кроација куп“, во Пореч, но селекторот Кирил Лазаров има причини да биде задоволен од голем дел од она што го прикажа нашиот национален тим.
Победата на Хрватска од 40-34, е резултат, кој веднаш кажува за првиот недостаток во нашата игра – одбраната. Прифативме еден ритам со многу трчање и со динамична игра, во кој подобро се снајдоа Хрватите, кога поведоа со 9-5, а потоа и 10-6.
Македонија не дозволи уште тогаш да биде решен мечот, па на пет минути до крајот стигна до изедначување, 15-15, сепак со серија од 3-0 Хрватите повторно се одлепија и на пауза заминаа со 22-19.
И на стартот од вториот дел на површина излезе главниот недостаток на Македонија, недостасуваа одбрани од голманите, па Хрватска можеби полека, но многу стабилно го надградуваше водството.
Македонија направи серија од 5-1 и се доближи на минус три, но победата никогаш не дојде во прашање. Манасков со девет гола беше најефикасен, одлична партија имаше и Кузмановски со осум, а на четири застана Јагуриновски. Кај Хрватите, Мартиновиќ блескаше со осум погодоци. Утревечер од 20.15, го играме вториот тест во Пореч, против Израел.