Во првиот дел се играше рамноправно, македонските ракометари поведоа со 3-1. Продолживме со осцилации и неконстантноста повторно стапи во сила, во следните седум минути не успеавме да го совладаме голманот Капдевил.Не искористивме и пенал, губевме и топки.
Мартин Серафимов реализира седмерец за 11-10 во 23. минута, но Португалија направи серија од 5-0 и замина на одмор со 15-11.
Второто полувреме домаќините го отворија со три врзани гола и јасен беше епилогот. Португалија поведе најмногу со девет разлика, 28-19, но Македонците достоинствено одработеа за поблаг пораз. Филип Кузмановски постигна 10 гола, а Мартин Томовски запиша девет одбрани.
После четири кола, во квалификациската група 1, Португалија води со максимални осум бода, и ќе го освои првото место. Македонија е втора со четири, колку што има и Турција, а последен е Луксембург без бодови. Преостанатите два меча ги играме на гости кај Луксембург на 26 април и дома со Турција на 30 април. Потребно е да го задржиме второто место за пласман на ЕП 2024, иако и четири од третопласираните селекции ќе добијат виза.