Еурофарм Пелистер го преживеа незгодното гостување кај Охрид и триумфира со 28-25, и ја освои првата титула по пауза од 18 години, благодарејќи и на ремито во Кавадарци помеѓу Тиквеш и Вардар.
Почетокот на мечот меѓу Охрид и Пелистер не беше ефикасен бидејќи до 12. минута беа постигнати само пет гола (3-2), но до полувреме гостинскиот тим го засили темпото и стигна до 14-11.
Пелистер беше сигурен во нападот во второто полувреме и ги користеше грешките кај Охрид за да го задржи водството од пет гола (21-16) до последните 10 минути од средбата. Домаќините во финишот успеаа да ја намалат предноста на Пелистер и да внесат неизвесност во дуелот, но Пелистер на крајот триумфира со 28-25.
Најдобар во победничкиот тим беше Цветан Кузманоски со девет голови, додека Жарко Пешевски постигна пет погодоци. Во редовите на Охрид најефикасен беше Стефан Дрогришки со пет гола.