Екипата на Вардар имаше уште еднo феноменално издание во СЦ „Јане Сандански“ и го совлада актуелниот вицешампион во Лигата на шампионите со 30:28 предводена од Борко Ристовски и Оливие Њокас.
Гостите го добија отворањето на денешниот дуел и многу брзо создадоа предност. За само десет минути игра имаа 8:4 .
При 10:13 во 21. минута следуваа три минути со три гола за 13:13 и за убаво продолжение од овој дуел во кој до крајот на првиот дел Вардар успеа и да дојде до предност. Сепак, на одмор беше 16:16.
Второто полувреме донесе уште подобра игра за нашиот шампион. Браќата Њокас се разиграа и го полнеа голот на Алборг. Кевин и денеска биеше без грешка како и против Мешков Брест. На нивната одлична игра во нападот се надоврза и одличниот Ристовски на голот кој бранеше тешки удари, а ги откажа и изведувачите на удари од седум метри бранејќи им три последователни удари .
Вардар постојано беше на два до три гола предност и ја контролираше оваа разлика , а во 54. минута Оливие Њокас донесе предмжност од четири разлика 28:24.
Тука се влезе во многу лоша завршница. Се играше и 7 на 6, но лошо се комбинираше, па лесно се губеа топки. Покрај тоа тимот на Алборг знаеше како да казни и за само две минути стигна на гол негатива. На 29:28, Ристовски одбрани зицер, а потоа Оливие Њокас се извади за грешката претходно. На 30:28 украде и топка, но не реализираше.
Сепак, до крајот немаше време за поголеми промени, па бодовите останаа во Скопје, а вицешампионот од лани доживеа прв пораз во ЛШ после минатосезонското финале.