На денешен ден пред шест години, ракометарите на Вардар стигнаа на кровот на Европа, откако во финалето во Келн на магичен начин го совладаа фаворизираниот ПСЖ (24-23).
Иван Чупиќ на маестрален начин го финишира последниот напад буквално со звукот на сирената, како кулминација на фантастично подготвената офанзива за која имаа само седум секунди. Македонија гореше, Вардар го исполни сонот на многу претходни генерации и стана европски шампион.
Чудесна беше и полуфиналната победа против Барселона (26-25), речиси на идентичен начин, со победничкиот погодок на Лука Циндриќ на неколку секунди до крајот.
Вардар уште еднаш дојде до најсјајниот европски трофеј и тоа две години подоцна повторно во Келн со победите над Барселона во полуфиналето (29-27) и тоа по негатива од седум голови на полувремето (9-16) и над Веспрем (27-24) во големото финале.