Убедливо најголемото изненадување на вечерта беше победата на Шериф на „Сантијаго Бернабеу“ против Реал Мадрид (2: 1) во групата Д. Молдавскиот клуб, кој во квалификациите го исфрли хрватскиот шампион Динамо, дојде до победата во 89. минута со гол на Тил.
Дека вечерта во Мадрид може да биде чудна, навести Јакчибаев, кој ги доведе гостите во водство во 25. минута. Реал нападна и израмни во 65. минута, кога Бензема погоди од пенал.
За тренерот на Реал, Карло Анчелоти, лошата среќа е виновна за поразот.
„Не очекувавме ваков натпревар, не бевме фокусирани во одбраната. Немавме ниту среќа. Иако имавме доста шанси, гостите не изненадија во двата наврати кога погодија. Тоа е лоша среќа за нас. Игравме добро, но вакви работи се случуваат кога немате среќа. Ова е фудбал, се обидовме да направиме сè, но и Шериф е добра екипа“, изјави Анчелоти.