Јувентус минатиот месец остана без 15 бода кои му беа одземени од Фудбалската федерација на Италија поради финансиски малверзации за време на пандемијата на корона-вирусот од страна на поранешната управа, а сега се соочува со нова казна која може да го испрати во Серија Б.
По казната, Старата дама сега има 23 бода и дефинитивно испадна од трката за титулата, како и за освојување на првите четири места на табелата кои носат пласман во ЛШ.
Италијанските медиуми тврдат дека Јувентус сега може да добие нова казна и ново одземање бодови, овојпат 20, поради нерегулирани плати за време на пандемијата на корона-вирусот.
Доколку на Јувентус му бидат одземени нови 20 бода, тогаш би бил последен со само 3 бода. Позицијата која гарантира опстанок, во моментов ја држи Специја со 18 бодови.
Но, тоа не е единствен проблем за управата бидејќи фудбалерите побарале состанок со сопственикот на Јувентус, Џон Елкан, и најавуваат летен егзодус од Торино.