Женската ракометна репрезентација на Македонија останува без победа во ЕХФ Евро Купот откако на домашен терен го загуби дуелот против Словенија (20-27) и доживеа втор пораз од овој ривал. Ова беше вкупно четврти пораз на нашиот национален тим, по оној против Словенија на гостински терен и двата во двомечот против Црна Гора.
Овие натпревари се подготовка за ЕП 2022 кое следи, а нашата земја е еден од организаторите. Селекторот Љубомир Савевски на хартија имаше нешто помлад состав, кој имаше сила и концентрација да му парира на поискусниот ривал едно полувреме. Сите работи се распаднаа на стартот на вториот дел кога девет минути не се постигна гол, а избраничките на Драган Аџиќ тоа немилосрдно го казнуваа. На крајот Македонија заврши со 11 технички грешки, наспроти четири на Словенките.
ошиот старт на вториот дел донесе највисока предност за Словенија. Со два гола во низа предводена од шутерот Ана Грос, противникот дојде до 11-15. Повторно проблем беа промашувањата за тимот на Љубомир Савевски, во вкупно девет минути се постигна само еден гол, тоа донесе 12-19 за ривалот. Кризата ја прекина Ангела Јанкуловска во 40-тата минута (13-19), но во 47. минута, при резултат 15-23, Јанкуловска тешко го повреди коленото и мораше да ја напушти играта. Последните десет минути Словенките ја задржаа позитивата и така ја впишаа втората победа против Македонија.
Најдобра кај победникот беше Ана Грос со седум реализации, пред Нина Зулиќ со пет гола, додека кај Македонија, Сара Ристовска даде седум гола од девет обида, пред Леонида Гичевска со четири, додека Симона Стојкоска, Моника Јанеска и Ангела Јанкуловска дадоа по три гола. Следните натпревари во ЕХФ Евро Купот за Македонија ќе бидат во месец април. Противник на две средби ќе биде една од најдобрите светски ракометни селекции, Норвешка.