Селекторот Љубомир Савевски и неговите девојки покажаа дека Македонија и тoa како може да се надева на добри резултати во годините што одат во женскиот ракомет. Без најискусните и со просек на години на репрезентацијата од 20.3 Македонија успеа да одигра егал натпревар против шестата репрезентација од игрите во Токио и да загуби само со 31-30.
Првото полувреме беше вистинска резултатска „клацкалка“. И двете репрезентации се менуваа во водство. Црногорките имаа највисоки плус три во неколку наврати, додека Македонија неколку пати стигаше до плус два. На крајот на полувреме се замина со најреален можен резултат 16-16. Одлични први 30 минути имаше 19 годишната Ангела Јанкуловска која со пет гола беше најаефикасна по првото полувреме.
Македонија беше во егал се до 40. минута кога беше 21-21, по што следуваше црн период во нашата игра во кој домаќините стигнаа до највисоките на мечот плус шест 27-21. Следуваше против одговор на нашите ракометарки кои со серија од 5-0 повторно се вратија во мечот намалувајќи на 27-26.
Црногорките повторно дојдоа до плус четири 31-27, но со наша нова серија од 3-0 на четириесет секунди со шестиот гол на Сара Миновска повторно се приближивме на само минус еден 31-30.
Ангела Јанкуловска со седум гола беше прво име во нашиот табор, додека Сара Миновска заврши со шест гола.