Додека трае Европското првенство во ракомет, континенталните натпреварувања се играат и во други делови од светот. Така во моментов се натпреваруваат најдобрите азиски репрезентации, како и најдобрите репрезентации на Јужна и Централна Америка. Поточно, седум од нив – Аргентина, Бразил, Чиле, Уругвај, Боливија, Парагвај и Костарика.
Таму требаше да биде и Колумбија, но таа го откажа настапот во последен момент поради големиот број на заразени со коронавирус во тимот. Не треба да чуди што Бразил и Аргентина се издвојуваат во првенството со својот квалитет, а Чиле и Уругвај евентуално можат да им парираат. Другите репрезентации едноставно немаат шанси.
Така, на пример, Боливија доживеа многу тежок пораз од Аргентина – беше дури 70:8, значи 62 разлика. Натпреварот беше пренесуван во живо на YouTube и изгледаше како да се натпреваруваат две екипи кои не го играат истиот спорт. Репрезентативците на Боливија често ја губеа топката, постојано грешеа при додавање, а Аргентинците лесно постигнуваа голови од контра напад.