Ракометната репрезентација на Германија славеше против Русија со 30:29 во Братислава во натпреварот од последното коло од групата II на Европското првенство и со тоа чесно се прости од ова натпреварување.
Првото полувреме помина во контрола на германските ракометари, кои на полувремето заминаа со дури четири гола предност.
Русите немаа предност во ниту еден момкент во воведниот половина час, а и покрај солидните моменти од играта каде што ја намалија разликата на еден гол, беа целосно скршени на крајот од полувремето кога Германците стигнаа до 4-0 серија.
Јоханес Гола доминираше во првото полувреме, но во продолжението од натпреварот плочата целосно се сврте и Русите со серија од 3:0 стигнаа до еден гол негатива.
Ова ги вознемири редовите на Германците, па додадоа гас и се вратија на плус три.
Русите израмнија во 43. минута и владееше целосна неизвесност, но Германците набрзо ја вратија предноста од два гола.
Во решавачките 10 минути се влезе со нерешен резултат, а набргу потоа Русите стигнаа и до првата предност во натпреварот.
Последните неколку минути се играше гол за гол, а се чинеше дека Русите многу полесно ги решаваа ситуациите на противничката половина.
Германците изведоа извонредна акција за победничкиот гол на Цикер и со тоа чесно го завршија натпреварувањето на ЕП, прекинувајќи ја серијата од три последователни порази.