Пет месеци откако неговиот тим славеше во Лигата на шампионите над Реал Мадрид, тренерот на молдавската сензација во ЛШ оваа сезона, Шериф Тираспол, Јуриј Вернидуб, се врати во својата родна Украина и се пријави во територијалната одбрана.
Тренерот на нашиот репрезентативец Бобан Николов е роден во Житомир, северен град во Украина, и донесе одлука да се врати во својата татковина напуштајќи го Шериф Тираспол во моментите кога на неговата земја и е најтешко.
Сликата објавена на социјалните мрежи го потврдува фактот дека Вернидуб се вратил во Украина, сликан во камуфлажна облека, со двајца колеги од армијата.
Вернидуб (56) ќе му се придружи на светскиот шампион во бокс, Васил Ломаченко, откако се откри дека и тој и се приклучил на војската. Како и Ломаченко и Вернидуб, во борбата за татковината се приклучија и иконите и поранешни украински боксери браќата Владимир и Виталиј Кличко.