Фудбалерите на Атлетико Мадрид направија огромен исчекор кон посакуваниот пласман меѓу екипите што ќе изборат пласман во Лигата на шампионите следната сезона, откако вечерва, како гостин, го совлада директниот конкурент Бетис со 3-1.
Актуелниот шпански првак имаше почеток од соништата со оглед што Жоао Феликс по само две минути ја затресе мрежата на домаќинот. Вака беше се до крајот од полувремето, кога гостите прво го имаа промашувањето на векот (види ТУКА), за потоа Бетис да изедначи преку Тело во петтата минута од судиското продолжение. Но, во второто полувреме Атлетико ги искористи шансите, па преку Феликс во 61. минута и резервистот Лемар во 80. минута дојде до посакуваните три бода.
Составот од Мадрид сега е на четвртата позиција, последна која води во ЛШ, со 48 бодови, колку што има и третопласираната Барселона со натпревар помалку. Бетис, пак, остана на 46 бодови и падна на петтото место на табелата во Ла Лига.