Францускиот репрезентативец Осман Дембеле го освои Мадрид и со неговиот единствен гол во 22-та минута ѝ донесе на Барселона голема победа од 1-0 против Атлетико во вечерашното дерби на кое мадридските црвено-бели не заслужија да загубат, ама не знаеа да дадат гол.
Дембеле погоди после 22 минути на асистенција на Гави, а сѐ потоа беше во знакот на Атлетико, зашто четата на Диего Симеоне имаше десетина шанси на мечот, а Роналд Араухо во четвртата минута од судиското надополнување спаси чист гол на гол-линијата во шансата на Ентоан Гризман за да триумфираат Каталонците.
Двете екипи натпреварот го завршија со по десетмина откако Стефан Савиќ и Феран Торес после ММА-битка во надополнувањето беа предвреме испратени од теренот.
Барселона со оваа победа, 13-та од 16 досегашни мечеви осамна сама на првото место и му избега на својот најголем ривал Реал на три бода (41-38), откако „кралскиот клуб“ вчера загуби на гостувањето кај Вилјареал со 1-2.
За Атлетико ова беше петти пораз сезонава и со 27 бода сега се петопласирани, еден зад четвртиот Бетис, а пет зад третиот Реал Сосиедад.