Репрезентацијата на Мароко е првиот полуфиналист на еден фудбалски Мундијал кој доаѓа од Африка. Мароканците ја елиминираа Португалија во 1/4 финалето со 1:0 и на тој начин се пласираа меѓу најдобрите четири репрезентации на светот.
Историската победа за Мароко ја донесе играчот на Севиља, Јусеф Ел Несири кој во 42. минута со глава со небески скок успеа да погоди и да му донесе злато вредно водство во тој момент на својот тим.
Следуваше атак од страна на Португалија која речиси цело второ полувреме го имаше и Кристијано Роналдо на теренот но и тоа се покажа како не доволно.
Имаа Португалците шанси, но имаше и Мароко за да дојде до 2:0, но мрежите до крајот не се затресоа. Во самиот финиш Мароко остана со играч помалку затоа што Кедира за неколку минути заработи два жолти картони. Ал Бухвал излезе очи во очи со португалскиот голман но не успеа да ја запечати судбината на противникот со втор погодок.
Сега Мароко може да слави и да го чека својот противник во полуфиналето од вечерашниот дуел помеѓу Англија и Франција.