Марјан Алтипармаковски во 93-та минута ја симна Академија Пандев од врвот, откако со голот на Брегалница и ја донесе првата прволигашка победа во новиот спектакуларен меч на штипјани, кои на седум минути пред крајот губеа, а стигнаа до пресврт и победа со 3-2 во извонредното и преполно со голови петто прволигашко коло.
Екипата на Тиквеш никако да победи. Повратникот имаше игра, имаше шанси и ја држеше топката, ама на крајот мора да се задоволи со реми против Струга (1-1). Дуелот од петтото коло на ПМФЛ донесе по едно полувреме за двете екипи и поделба на пленот.
Македонија ЃП одново победи и тоа благодарение на Ермедин Адем.“Лавовите“ го победија Борец со 3:2, а сите три гола беа дело на играчот за врска. Првите два од пенал, а потоа и од игра, колку да покаже Адем дека знае и од игра да стрела во противничката мрежа.
На дуелот кој стартуваше со половина час задоцнување поради проблеми на „романтичарите“ со автобусот при доаѓањето од Скопје до Тетово, први поведоа домашните со голот на Ремзифаик Селмани во 24. минута од средбата. Бодот за Работнички го донесе Марио Станковски со погодокот од пенал во 35. минута од натпреварот.
Фудбалерите на Шкупи рутински и без премногу потешкотии го добија соседското дерби со Скопје со 4-1 (1-0). Избраниците на Седлоски со еден гол во првиот и три во вториот дел, го надиграа и убедливо победија против ривалот од Автокоманда.
Актуелниот македонски шампион Шкендија повторно се сопна и освои само бод кај Пелистер во Битола, ремизирајќи 2-2, иако за тетовци гостувањето кај „фенерџијата“ требаше да им биде само лесна задача.