Легендарниот играч за врска на Барселона, Чави Хернандез, се враќа на „Камп Ноу“ и ќе биде нов тренер на каталонскиот гигант. Раководството на Барселона релативно лесно успеа да се договори со Ал-Сад. Дури ја избегна и најголената болка во моментов, плаќање отштета за раскин на договорот.
Чави се согласи на сите услови на Барселона, а Ал-Сад ќе дозволи пријателски прекин на соработката. Од катарскиот клуб порачаа дека пари не им се потребни бидејќи имаат доволно, а на Барса и поставија само еден услов. Тие побараа Барселона во блиска иднина да дојде во Катар за да одигра пријателски натпревар со овој клуб и порачаа дека тоа ќе им донесе многу поголем бенефит од откупната клаузула.
Барселона веднаш се согласи со условот на Ал Сад, а наскоро се очекува и официјална потврда дека Чави е нов тренер на Барселона.