Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се очекува да биде во стартниот состав на Наполи на денешното гостување во Варшава против Легија во Лигата на Европа. „Наполитанците“ играат одлично во Серија А, но освоија само четири бода од три натпревари во ова европско натпреварување и сега имаат императив за триумф.
Легија е првопласирана во групата со шест бода, а единствениот пораз го забележа токму од Наполи (3-0) на гости.
Динамо Загреб на „Максимир“ го пречекува Рапид Виена. Стефан Ристовски треба да се најде во тимот на Дамир Крзнар, додека Аријан Адеми е повреден и многу ќе им недостига на „модрите“. Динамо има три бода по три кола, исто колку и Рапид Виена, а првопласиран е англискиот премиерлигаш Вест Хем.
Црвена Звезда во Белград го пречекува Митјиланд, а Монако е домаќин на ПСВ Ајндховен. Лестер на „Кинг Пауер“ е домаќин на Спартак Москва.