Откако „Атлетик“ и „Њу Јорк Тајмс“ ја донесоа приказната за проширување на Лигата на шампионите, најмногу реакции предизвикаа двете места за „историска заслуга“. Дека се разгледува идејата потврди и заменик генералниот директор на УЕФА .
Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) размислува да понуди две места во Лигата на шампионите на клубовите врз основа на „историска заслуга“, според системот на вајлд-карти или специјални покани, тврди шпанскиот весник Марка.
Заменик генералниот директор на УЕФА Џорџо Маркети изјави дека УЕФА размислува за покана за два клуба кои нема да се квалификуваат во Лигата на шампионите, но дека одлуката за тоа нема да биде донесена пред 2024 година.
УЕФА сака да ги награди клубовите кои биле успешни во натпреварувањата во период од пет години, пред сезоната во која би биле поканети.
На пример, ако Челзи не е меѓу четирите најдобри екипи во Премиер лигата и не избори место во Лигата на шампионите, а го освоил тоа натпреварување во последните пет години, УЕФА би му дала покана.
Дополнително место би можел да освои клуб кој преку својата лига не се пласирал во најсилното европско натпреварување од петтата најсилна лига според коефициентот на УЕФА, а засега тоа е или португалската или француската лига.