Репрезентацијата на Украина ќе ја има фаворитската улога на дуелот против Македонија во Прага за натпреварот на 14 октомври. Ова ќе биде пресметка во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија.
Македонија и Украина имаат по седум бодови од пет меча и се во трка за второто место во групата каде моментално се наоѓа Италија со исто така седум бодови, но од четири дуели.
Дуелот во Прага ќе биде клучен како за Македонија, така и за Украина. Само селекцијата која ќе ги освои трите бода останува во трка за место на континенталниот собир.
Ашковски вели дека е важно да се оствари добар резултат со Украина за да се зачува високото ниво на мотивираност и за последните два меча од квалификациите за Европското првенство.
„Очекуваме еден одличен натпревар против Украина. Со добра мисла и позитивна енергија да одиграме еден добар меч кој ќе ни даде дополнителен мотив за следните натпревари. Да ги пренесеме позитивните моменти од последните два меча што ги одигравме. Борбеност, позитивна мисла и мотивација, тоа за мене се многу важни фактори“, вели Ашковски.