Фудбалската репрезентација на Македонија ги заврши домашните обврски од подготовките за историскиот меч со Италија и сега во Палермо ќе продолжи да ја крои тактиката за полуфиналниот бараж за учество на Светското првенство во Катар.
Поради акумулација на картони, нашиот национален состав ќе биде ослабен за Елиф Елмас. Асот на Наполи игра во одлична форма оваа сезона, а за магазинот на УЕФА истакна дека му е многу жал што нема да може да им помогне на своите соиграчи.
„Секогаш кога ќе бидам повикан за репрезентација, со срце чекам да доаѓам во Македонија. Одлично ги познавам играчите на Италија, со сите сум се сретнал низ натпреварите во Серие А. Жалам што нема да можам да им помогнам на соиграчите на овој меч.
Македонскиот „дијамант“ посакува триумф над Италија и потоа историски пласман на СП. Ако се случи тоа вети дека ќе направи најголема торта на скопскиот плоштад.
„Дај Боже да се пласираме на СП, па потоа ако треба на плоштадот ќе направам торта“, рече Елмас, алудирајќи на занаетот на својот татко.
Покрај Елмас своите очекувања од овој бараж ги искажа и селекторот Благоја Милевски, кој истакна дека без разлика на квалитетот на противникот Македонија не се плаши и во Палермо ќе истрча на терен да игра фудбал.
Натпреварот меѓу Македонија и Италија се игра в четврток со почеток од 20:45 часот, а покрај Елмас во составот на Милевски ќе недостасува и Тихомир Костадинов.