Столе Димитриевски беше еден од хероите на гостувањето кај Италија. Голманот на македонската репрезентација ја сочува мрежата и заедно со одбраната одолеа на сите напади на европскиот првак.
Во интервју со „ЕСПН“, нашиот голман раскажа за емоциите по мечот во Палермо и го најави финалето против Португалија.
„Беше импресивно, бевме многу среќни. Ја сакам таа тишина, иако им беше тешко на Италијанците. Немаме ништо против Италија. Моето семејство ми кажа дека кога луѓето го напуштале теренот, оделе со наведнати глави. Но, ние успеавме да му дадеме среќа на нашиот народ во овие тешки времиња.
Наша цел е да ја победиме Португалија. Победивме кај Германија и Италија, потоа ќе ни остане да ја совладаме Аргенитина, па нека ни го дадат трофејот на Светско првенство“, се пошегува македонскиот чувар на мрежата.
Потоа Столе зборуваше и за значењето на Пандев за репрезентацијата и за македонскиот фудбал.
„За нас Пандев е фудбалски идол. Како што се Меси и Марадона за Аргентина, толку важен е Пандев за Македонија. Тој е голем фудбалер, но уште поголема личност“.
Македонија ќе гостува во Портово вторник, кога ќе мора да победи уште еден европски гигант за да се пласира на Мундијалот во Катар.