Одбранетите зицери на Маџовски и на Граџан ја донесоа потребната енергија кај неговите соиграчи, поради што ветеранот на голот дефинитивно беше меѓу кандидатите за најкорисен играч на средбата. Тој смета дека црвено-црните заслужено доаѓаат до целта и дека ќе бидат уште посилни во периодот што доаѓа.
„Играњето во ваква атмосфера секогаш било и сѐ уште е огромна привилегија. Можеби за некого настапот пред пет илјади битолски навивачи беа притисок, но за мене беше уживање. Ваков натпревар со огромен набој, не може да игра секој и да се соочи како што треба со ваков притисок. Ние имаме ракометари кои покрај квалитетот имаат и искуство и не подлегнуваат лесно на притисокот што го создаваат навивачите. Тоа беше клучот за победата, покрај добрата тактичка поставеност. Кога сѐ ќе се собере и одземе, заслужено го добивме овој дуел и сега имаме отворен пат да ја освоиме титулата. Сега верувам дека сѐ ќе биде полесно и дека ќе можеме да го направиме Вардар како што треба да изгледа за да се натпреварува во Лигата на шампионите. Оптимист сум и верувам дека во следната сезона ќе бидеме уште посилни“, изјави Ристовски.
Пред црвено-црните остануваат уште три средби до крајот на сезоната и тоа против Пелистер 2 и Тиквеш на домашен терен и против Бутел на гости. Со максимален број бодови, Вардар ќе ја одбрани титулата со оглед што сега има бод повеќе во однос на Пелистер (23-22).