Ракометарите на Вардар имаа одличен старт на натпреварот, откако Мартин Томовски запиша интервенција, а потоа македонскиот тим стигна до водство од 3-1, меѓутоа Монпелје се освести по почетниот шок и израмни на 3-3.
Монпелје направи пресврт во 13. минута (6-5), но вардарци потоа влегоа во одлична серија и набрзо избегаа на четири гола предност (11-7). Домаќинот се обидуваше на секаков начин да ја пробие одбраната на „црвено-црните“, меѓутоа Томовски беше на врвно ниво, па го заврши првото полувреме со осум одбрани, а Вардар замина на паузата со 14-10.
Францускиот тим се обиде да се врати во игра, но правеше многу технички грешки во нападот, а тоа знаеше како да го искористи Вардар, кој преку Њокас и Ѓукиќ избега на 22-14 во 43. минута од натпреварот.
Македонскиот првак влезе во мала криза од 47. до 51. минута, кога постигна само еден гол, а притоа Монпелје успеа да намали на само четири голови и да ја врати надежта дека може да стигне барем до бод до крајот на мечот, меѓутоа Томовски повторно со одлична интервенција ги запре домаќините.
Французите ја намалија негативата на три гола на три минути до крајот, меѓутоа Моралес со погодок на минута ипол до крајот ги урна сите надежи на ривалите за да извлечат нешто од мечот, па така Вардар славеше со 28-25.
Оливие Њокас беше најдобар во екипата на Вардар со пет голови, додека Томовски беше одличен на голот и запиша 13 интервенции, додека Уго Деска беше најефикасен во екипата на Монпелје со седум голови.
Вардар е на шестата позиција со седум бодови, односно еден повеќе од ППД Загреб и три повеќе од Мешков Брест, додека пред него е Елверум со осум бодови. Лидер на табелата останува Монпелје со 16, по што следат Алборг со 14, колку што има и Пик Сегед, додека Кил има 13 бода.