Тимот на Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај унгарската Татабања со 25-21 во натпреварот од 9 коло во Лигата на Европа. Ослабени, без тројцата бекови – Обрадовиќ, Табоада и Велковски, а во финишот и без Периќ, битолчани пружија солидна партија, но на крајот се враќаат без бодови од ова незгодно гостување.
По 1-1 на стартот, Матијас Ѓери со два гола во серија и донесе плус два на Татабања, 3-1, а беше и 4-2. Битолчани набрзина се вратија со реми, 4-4. Во продолжение се играше гол за гол, а Секељ му одбрани пенал на Балог. На спротивната страна и Бартуч беше поуспешен од Периќ, па со двата гола од десните бекови Балог и Анчин, Татабања стигна до 8-6.
Мандалиниќ погоди во напад што беше на работ на пасивност, а потоа истиот играч од далечина израмни на 8-8. Кизиќ само што влезе на голот, му запре удар на Анчин, па македонскиот тим за првпат поведе на мечот со голот на Мандалиниќ за 8-9.
Хрватскиот лев бек играше одлично и со шестиот гол донесе 9-10 на пет минути до крајот на првото полувреме. Израмнија домашните во продолжение, а Радовиќ изнуди исклучување на Фотаке во следниот напад на битолчани. Маџовски израмни на 11-11, а потоа Кизиќ со третата одбрана му даде шанса на Еурофарм Пелистер да реализира, но неговите соиграчи не успеаја и на пауза се замина со реми.
Набрзина Граџан на стартот на вториот дел погоди два пати за првпат плус два за битолчани, 11-13, но како што стигнаа до предноста, така и ја загубија. Три брзоплети напади и Татабања веднаш се врати во водство, 14-13. Потоа се играше гол за гол, а Кизиќ спречи на два пати повисока предност за унгарскиот тим.
При резултат 18-17, домаќинот не успеа три пати да искористи напад, па казни Мандалиниќ со голот за 18-18 на десетина миути до крајот. Танкоски промаши вторпат, а Јухас на спротивната страна го совлада Кизиќ за 20-18. Кизиќ го запре Сунајко, додека Радовиќ со бомба намали на 20-19 кога остануваше да се играат уште пет минути.
Кукуловски, па Маџовски не успеаја да погодат во голот на Вишомирски, па Јухас зголеми на 23-20. Се обидоа битолчани и со седум на шест, но не одеше ништо во финишот, па македонскиот тим мораше да се помири со пораз.