Реал Мадрид вчера доживеа тежок пораз од ПСЖ во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. Тој пораз резултатски не беше тежок, ПСЖ славеше само со 1:0, со голот на Килијан Мбапе во последните секунди од натпреварот. Она што е проблематично за Реал е фактот што во сите 90 минути беше целосно надигран и остана без удар во противничкиот гол.
Легендарниот црногорски фудбалер Предраг Мијатовиќ, човек кој освои се што можеше да се освои со Реал, го коментираше натпреварот за шпанскиот АС. Мијатовиќ ретко го критикува својот поранешен клуб, но сега не можеше да издржи.
“Имав добро чувство пред натпреварот, мислев дека Реал ќе се врати во својот стил на големиот натпревар. По она што го видов вчера, целиот мој оптимизам беше уништен. Реал ме разочара во секој поглед. Многу сум загрижен. Ако За 90 минути со ваков состав не можеш да шутнеш во рамката од голот, тогаш треба да се замислиш“, изјави Мијатовиќ, додавајќи:
„Секој тим може да има лоша ноќ или неколку минути кога не оди добро. Но, деведесет… Се надевам дека Реал во реваншот ќе игра подобро и ќе остави подобар впечаток. Затоа што синоќа остави впечаток на второкласен тим”.