Англискиот првак предводен од Пеп Гвардиола доаѓа со гол предност, кој ништо не значи, кога против себе го имате страшниот Карим Бензема и неговите монструозни 41 гол на 41 меч од кои девет во оваа елиминациска фаза во сезонава во најпрестижното натпреварување. И поради тоа, Гвардиола, чиј тим се изнапромашува во првиот меч и пропушти со далеку поголем капитал да дојде во шпанската престолнина, признава дека за финале, на теренот на најтрофејниот клуб ќе треба да се одигра и подобро од тоа на „Итихат“ пред осум дена.
„Веројатно за финале ќе ни треба подобар меч од тој што го одигравме на првиот минатата недела, но ова е полуфинале и ништо не значи, може да одиграте и најлош меч, а да одите понатаму. Никој не знае што може да се случи, ниту некој може да предвиди. Зашто во фудбал се случува да добиете тоа што не сте го заслужиле, а да не го добиете тоа што сте го заслужиле. Но, против Реал ни треба извонреден меч, зашто за да елиминирате ваков клуб како Реал, клуб кој зад себе има 13 европски титули, мора да сте подобар од него во два меча, а не со еден“, вели Гвардиола.
Мадридскиот великан кој се бори за своето рекордно 17-то финале во историјата дома против англиски клубови загубил само четирипати, а Челси во минатата рунда ги победи првпат после 13 години, уште од 2009 година кога Ливерпул успеа да го освои „Бернабеу“. Но, тој пораз по продолженија со 2-3, за мадриѓаните беше „сладок пораз“ и веројатно ја научија лекцијата, иако сега ситуација од тој двомеч со европскиот првак е различна. Тогаш имаа големи два гола капитал од Лондон, а сега имаат еден негатива.
И „второто полувреме“ ќе биде само продолжение каде застанаа во првото. Дефанзивата на „граѓаните“ ќе мора да го запре Бензема, битката на средината ќе биде клучна – Де Брајне против Лука Модриќ, а на линијата, тактичката пресметка на Пеп со Карло Анчелоти веројатно клучна за тоа кој ќе оди во големото финале.
„Повторно ќе гледаме голем меч помеѓу два големи клубови со извонредни фудбалери. Полуфинале не се игра само со срце и мотивација, која доаѓа сама по себе. Тоа е важен сегмент, ама не е доволен, тука се индивидуални аспекти, бара да се склопат многу коцки, за да дојдете до финале и да го освоите пехарот. Ако победиме, тоа нема да биде зашто сме биле мотивирани или сме имале магична атмосфера, туку затоа што сме имале тимска посветеност и извонреден индивидуален квалитет на фудбалерите“, вели Анчелоти.
МОЖНИ СОСТАВИ
Стадион „Сантјаго Бернабеу“, 21 часот, судија Даниеле Орсато (Италија)
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа – Карвахал, Милитао, Начо, Менди – Модриќ, Касемиро, Крос – Валверде, Бензема, Винисиус
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Едерсон – Жоао Кансело, Рубен Дијаз, Лапорт, Зинченко – Де Брајне, Родри, Бернардо Силва – Фоден, Габриел Жесус, Марез