Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски го даде својот 15-ти сезонски гол на Кипар, петти во плејофот за титула, за нова победа на АЕК Ларнака против Пафос со 2-0 и со меч повеќе бодовно се израмни со АПОЕЛ, зацврстувајќи се на третото место на табелата.
Тричковски даде гол во 25-та минута од мечот за да го дуплира водството, откако АЕК по 15 минути со гол на Ѓуршо поведе, а приказната за триумфот заврши на 17 минути пред крајот кога Пафос остана со десетмина по исклучувањето на Семедо и веќе беше јасно дека АЕК ќе триумфира на мечот.
Тричковски сезонава има 15 гола и три асистенции и ова му е трет најдобар голгетерски ефект на Кипар, како и во сезоната 2018/19, но сѐ уште може да ги достигне ланските 16 гола. Убедливо најдобар ефект му беше прекинатата корона-сезона 2019/20 во која даде 20 гола на само 19 меча до прекинот.
За Тричковски ова е седма сезона на Кипар, а пред два дена беше избран во најдобриот тим сезонава во кипарскиот фудбал.