Летово ќе има вистински егзодус од „Олд Трафорд“, па новиот менаџер Ерик тен Хаг ќе има полни раце работа на трансфер-пазарот.
Пол Погба, Хуан Мата, Џеси Лингард и Единсон Кавани заминуваат како слободни агенти, а си оди и Немања Матиќ една година пред истекот на неговиот договор. Сега англиските медиуми објавуваат дека уште тројца играчи и официјално го информирале клубот дека сакаат трансфер ова лето.
Се работи за Ентони Марсијал, Ерик Баи и голманот Дин Хендерсон. Тројцата немаа минутажа изминатата сезона, а Марсијал замина на позајмица во Севилја, која пак одлучи да не го откупи целосно неговиот договор. Неизвесна е и судбината на Мејсон Гринвуд, кој е обвинет за силување.
Сето ова значи дека летово ќе има многу нови имиња на „Олд Трафорд“ на сите позиции, но се очекува Тен Хаг да им даде и голем простор на помладите играчи како Еланга, Диало и Гарначо.