Вистинска машина е македонскиот репрезентативец, кој во минатата 2021 година беше еден од тројцата фудбалери со најмногу одиграни мечеви на светот (70), ама ако пресметаме за неполна година, од почетокот на подготовките со Наполи за оваа сезона 2021/22 од 18 јули лани и предсезоната, преку Серија А, Купот на Италија, Лига Европа и настапите за Македонија во мундијалските квалификации (од септември до ноември лани), баражите за СП (март годинава) и Лигата на нации (месецов како финале на сезона), бројките се неверојатни.
Од вкупно 66 меча, Елмас играше на 63 и пропушти само три. Еден во предсезоната за мускулен проблем, еден во Серија А, исто така поради проблем со мускулот и еден за Македонија во Палермо поради суспензија. Одигра точно 3.693 минути или во просек нешто помалку од еден час по меч (58 минути) и ретко кој може да се пофали во европскиот фудбал со вакви неверојатни бројки.
Ефектот, пак, му е најдобар досега 11 гола и седум асистенции, од нив седум гола и пет асистенции за Наполи во Серија А и Лига Европа, два гола и две асистенции за Македонија од септември наваму и плус уште два гола во предсезоната за Наполи.
Затоа кога ќе се погледне сѐ, комплетното психичко оптеретување што секој меч го носи, како во дресот на Наполи, така и за Македонија, патувањата, одиграните мечеви, не треба ни да чуди што на последниве четири меча за Македонија, Елмас го немаше во вистинскиот ритам како една од најголемите опасности за противничкиот гол.