Шпанската фудбалска лига (Ла Лига) поднесе жалба до Европската фудбалска унија (УЕФА) против Пари Сен Жермен, обвинувајќи го за навреда на фудбалот.
Во образложението се наведува дека францускиот клуб ги прекршил правилата на финансискиот фер-плеј кога му понудил нов договор на Килијан Мбапе.
Реал Мадрид летово сакаше да го доведе францускиот репрезентативец во своите редови, но тој ја прифати понудата на парижаните да остане во клубот.
Ла Лига поднесе слична жалба против Манчестер Сити, за кој исто така вели дека „континуирано не ги почитува прописите за финансискиот фер-плеј“.
Шпанската лига соопшти дека ангажирала адвокатски канцеларии во Франција и Швајцарија за да преземат дополнителни правни дејствија „пред релевантните тела во Франција и Европската унија“.
„Ла Лига верува дека овие практики го менуваат екосистемот и одржливоста на фудбалот, ги оштетуваат сите европски клубови и лиги и служат само за вештачко надувување на пазарот на пари, кој не е генериран во самиот фудбал“, се вели во соопштението на лигата.
Откако Мбапе го одби Реал Мадрид минатиот месец, шпанската лига објави дека неговиот нов тригодишен договор со ПСЖ е „скандалозен“ и дека и наштетил на економската стабилност на европскиот фудбал.
„Ла Лига разбира дека овие клубови се несоодветно финансирани, или преку директни инјекции или преку спонзорства и други договори кои не одговараат на пазарните услови или имаат економско значење“, објави денеска Ла Лига.
Сепак, изјавата не вклучува никакви докази за поддршка на овие тврдења.
По потписот на Мбапе за ПСЖ, претседателот на шпанската лига Хавиер Тебас на Твитер напиша дека тоа е „навреда за фудбалот“.
Француската лига ги критикуваше неговите напади, нарекувајќи ги неосновани.
Ла Лига исто така објави дека размислува за покренување судска постапка против претседателот на ПСЖ, Насер Ал Келаифи, поради „конфликт на интереси“ поради неговата улога во УЕФА и други теми поврзани со фудбалот.
УЕФА во минатото беше категорична дека само нејзините внатрешни истражители можат да одлучат кога ќе започне истрага, а нејзиниот претседател Александар Чеферин претходно ги отфрли сомнежите на Реал Мадрид и Ла Лига за договорот на Мбапе.
„Гледате, ниту Реал Мадрид ниту кој било друг клуб нема да и каже на УЕФА што да прави. Тие се револтирани и колку што знам нивната понуда беше слична на онаа на ПСЖ“, изјави Чеферин за Би-Би-Си минатиот месец.