За Франција ова е четврто финале, а шанса за второ злато на Евробаскетот, па откако „триколорите“ во претходните две рунди преживуваа вистинска драма и се враќаа од речиси сигурен пораз за да дојдат до самата завршница, денеска на непрепознатливите Полјаци со фантастична одбрана не им дозволија ни да помислат дека бајката може да продолжи со пласман и во финале.
Полска едвај даде 18 поени во првото полувреме, не успеа да мине двоцифрен број на поени во првата и втората четвртина, а Франција веќе имаше убедлива предност на паузата од 16 поени (34-18), која во вториот дел само ја зголемуваше до плус 28 на крајот од третиот периот (64-36), а во последната четвртина надминаа плус 40, 90-50 на две минути до крајот на мечот до највисоките 44 на пола минута до крајот (95-51).
Јабуселе со 22 поени ја предводеше Франција, Фурние даде 10, а кај Полска ниту еден немаше двоцифрен кошгетерски ефект, Слотер имаше најмногу девет, а Понитка кој беше еден од јунаците против Словенија, сега погоди само седум поени.