Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа пораз (2-0) од Грузија во Тбилиси, во петтиот натпревар од годинашното издание во Лигата на нации. Со овој пораз и дефинитивно се загубени шансите за првото место во групата. Грузија е лидер и ќе игра во плејофот.
Грузијците поведоа со автоголот на Бојан Миовски во 35.минута, а во вториот дел Квича Кварацхелија го постигна вториот гол во 64.минута.
Стефан Спировски на почетокот влезе во шеснаесетникот, над него имаше старт, но судијата Иван Кружлиак не покажа на белата точка.
Во 20.минута, Енис Барди се обиде од слободен удар, но Мамардашвили одбрани.
Грузија беше конкретна и ефикасна. Се закани Ѓорги Абурџанија, шутираше одлично во 34.минута, а Столе Димитриевски одлично одбрани.
Но, една минута подоцна, Квича Кварацхелија продре по десната страна, уфрли во петерецот, а топката го погоди Бојан Миовски и заврши во мрежата.
На почетокот на вториот дел нов притисок на Македонија. Елиф Елмас имаше два обиди, Бојан Миовски излезе сам пред Мамардашвили, а Езгјан Алиоски шутираше од 20 метри крај голот. Сепак, немаше погодок.
Во 55.минута Кварацхелија упати силен шут од 25 метри, за малку крај дирекот од голот на Столе Димитриевски.
Во 64.минута, Грузија поведе со 2-0. Голема грешка на Дарко Велковски, топката ја одзеде Буду Зивзивадзе, тргна сам кон голот, но го проигра Кварацхелија кој ја погоди мрежата на Димитриевски.
Во 78.минута, Енис Барди се обиде од слободен удар, но Мамардашвили одлично одбрани.
Последниот меч од ова издание на Лигата на нации, Македонија го игра во понеделник против Бугарија.