Претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, на денешната средба со новинарите зборуваше на повеќе теми, меѓу кои и за последните случувања поврзани со Вардар 1961, кој поради долгови летово беше исфрлен од Лигата на шампионите.
Видерер истакна дека ним како федерација не им било сеедно кога морале да го суспендират двократниот европски шампион.
„Мора да бидам искрен и да кажам дека нам како Европска ракометна федерација не ни беше сеедно кога моравме да исфрлиме бивш освојувач на Лигата на шампионите од натпреварување. Но, мора да потенцирам дека проблемот не е нов и се провлекуваше со години. Добивавме само празни ветувања, а не дела. Долговите кон ракометарите се натрупуваа, а ракометарите и другите клубови реагираа. Една година прогледувавме низ прсти заради одредени ветувања, кои се испоставија како празни ветувања. Знаме дека луѓето се обидоа да ги покријат долговите, но не усепаја. Мора да разберете дека многу клубови вршат притисок врз нас со тезата дека Вардар 1961 освојува титули и игра во елитата „мамејќи“.
Австриецот, кој ја води Европската ракометна федерација потоа најави дека постојат два услови за враќање на Вардар 1961 во европските клупски натпреварувања на ЕХФ – комплетно чистење на долговите и гаранција за сериозен и стабилен проект во иднина.
„За во иднина ќе мора да се исплатат сите долгови и побарувања, кои уште не се исполнети. Но, ќе мора и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) да ни даде одредени гаранции. Знаете дека учеството во Лигата на шампионите бара одредени услови, па ние не смееме да си дозволиме среде сезона некои клубови да се откажам, да попуштат, па се трансформираат.
Не зборувам за опасност од целосен банкрот, но ние ја нудиме Лигата на шампионите како врвен продукт во договорите за ТВ права со многу европски ТВ куќи и не сакаме да влегуваме во ризик за егзистенција. Затоа покрај исплатените заостанати долгови, ќе бараме и гаранции за иднината, финансиската стабилниост, проектот и егзистенцијата на клубот. Денес не можам да ви кажам дали Вардар 1961 ќе игра во Европа или не“, рече Видерер.
Поради исфрлувањето на Вардар, оваа сезона Македонија има само еден претставник на меѓународна сцена – Еурофарм Пелистер кој се натпреварува во Европската лига.