Диего Рибас или попознат само како Диего, синоќа ја заврши кариерата во егзалтирачка атмосфера на „Маракана“, со солзи и многу емоции и еден феноменален гест.
Станува збор за фудбалерот кој се афирмира од времето кога играше за Вердер, Волфсбург, Атлетико. Бразилецот сега има 37 години, а синоќа го одигра својот последен меч во кариерата, како играч на Фламенго. По 55 минути од средбата Фламенго – Аваи, тој беше повлечен од игра, а натпреварот едноставно застана за сите да му се поклонат.
Се поздрави со сите фудбалери и свои соиграчи и противници, клекна на колена и со солзи и со многу емоции ги рашири рацете и изговори нешто. Меѓутоа, кога сите мислеа дека ќе излезе од теренот, тој направи еден феноменален гест. Го соблече дресот и излезе дека под него носи уште еден. Едниот си го задржа, а за вториот дојде до Габриел Барбоса Габигол и му го даде нему, сакајќи на тој начин да го предаде наследството на легендарната „10-ка“ на Фламенго.
Диего освои две титули во Копа Либертадорес со Фламенго, вторава пред една недела, а двапати беше шампион на Бразил. Тој дојде во Европа од Сантос во Порто, во 2004 година. Од 2006 до 2009 настапуваше за Вердер, една сезона мина во Јувентус, а потоа од 2010 до 2014 беше фудбалер на Волфсбург, период во кој одигра и во Атлетико на позајмица, доволно за да стане шампион на Шпанија (13/14). По две години во Фенербахче, во 2016 се врати во Бразил и со Фламенго доживеа втора младост.
За репрезентацијата на Бразил одигра 34 натпревари и постигна четири голови.