Поранешниот европски шампион Вардар го очекува тешко гостување кај данскиот првак Алборг.
Предводникот на црвено-црните, Веселин Вујовиќ пред патувањето за Данска истакна дека ова ќе биде поразличен натпревар од тој во Скопје, но и дека Вардар на терен нема да излезе со „бело знаме“.
„Ќе биде многу поразличен натпревар од тој што го одигравме во Скопје. Ние успеавме да ја успориме нивната игра, да не трчаме многу и тоа ни донесе резултат, односно победа. Но, Алборг сигурно нема да ги повтори грешките од Скопје. Нивниот контра напад е многу поопасен од нашиот. Нам ни недостасува Борко, кој има мали здравствени проблеми, но тука е Сафар да го замени.
По натпреварот против Монпелје бевме загрижени, затоа што јавноста и ние самите очекувавме многу повеќе. Но, на тој натпревар се покажа дека во Европа се игра квалитетен ракомет и дека нема лесни противници. Вардар мора уште многу да направи и да работи за да може да се надигрува со најдобрите. Не патуваме со „бело знаме“, мораме да веруваме во себе и еден добар натпревар во Алборг ќе ни биде од големо значење за важниот натпревар со Кил во Скопје“, рече Вујовиќ.
Натпреварот со меѓу Алборг и Вардар е закажан за утре (среда) во 18:45 часот.
По четири одиграни кола во Лигата на шампионите, Вардар е на делба третата до петтата позиција во групата со пет бода, колку што имаат Пик Сегед и Монпелје. Алборг и Кил ги делат првите две позиции со по 6 бода.