Англиската тинејџерска ѕвезда Џад Белингам, единствениот англиски репрезентативец кој не игра во Премиерлигата (Борусија Дортмунд) се запиша во историјата на англиската репрезентација како втор најмлад стрелец во репрезентацијата на „трите лава“ на едно Светско првенство, откако даде еден од трите гола во првиот дел од воведниот меч со Иран на СП 2022 во Катар (6-2).
Повеќе од половина час Иран ѝ одолеваше на Англија, а Хери Мегваер погоди пречка, пред Белингам да ги отвори Иранците со голот со глава и со 19 години и 145 дена да стане вториот најмлад стрелец на гол, зад рекордерот Мајкл Овен кој во 1998 година на СП во Франција даде гол на 18 години и 190 дена.
Англија за десет минути ги распарчи Иранците, па после голот на Белингам, Букајо Сака погоди во 43-та за водство со прекрасен шут, а печат на веќе сигурната победа стави Рахим Стерлинг во 45-та минута од епското полувреме кое имаше дури 14 минути надополнување.