Актуелниот светски шампион Франција го обезбеди своето место во осминафинале на Светското првенство во Катар, откако вечерва оствари победа со 2-1 против Данска во второто коло од групната фаза.
„Галските петли“ во првото полувреме доминираа на теренот и создадоа голем број шанси, но не успеаа да постигнат гол, иако таква можност имаа Килијан Мбапе, а потоа и Адриен Рабио и Антоан Гризман, но нивните удари беа одбранети од голманот Каспер Шмајхел.
Прв кој успеа да ја затресе мрежата на Шмајхел беше Мбапе по одлична акција со Ернандез во 61. минута, но набрзо Андреас Кристенсен со глава го матира Уго Лорис за 1-1.
Во продолжение од средбата и двете селекции се закануваа, а најблиску до гол за Данска беше Мартин Брајтвајт, кој сепак беше непрецизен, а казната стигна во 86. минута преку Мбапе кој искористи една погрешна проценка на одбраната на Данска.
Франција е прва со шест бодови, по што следат Австралија со три, Данска и Тунис со по еден бод.