Најтрофејниот македонски клуб Вардар ја запиша четвртата победа во низа, па побегна на четири бода од третиот Гостивар, а дури осум од најлутиот ривал Пелистер после денешното седмо коло во Втората лига, откако црвено-црните заедно со втората Воска славеа идентично со 3-0 против Каменица Саса на гости односно Слога Виница дома, а кикснаа Гостивар и битолчани.
Дарко Мицевски од пенал во 26-та минута ја најави победата на вардарци, Филип Јаневски во 69-та ја обезбеди, а Владимир Жоглев кој е во одлична гол-серија во 89-та само на потврди убедливата победа во Македонска Каменица, по која Вардар има 19 бода, два повеќе од втората Воска која со 3-0 ги победи виничани со головите на Емини, Фета и Мурати.
Гостивар немаше муниција во пресметката со Беласица и ремизираше без голови, а Пелистер се лизна во Радовиш и Детонит Плачковица славеше минимално со 1-0 за да ги истурка битолчани дури на петтото место, па Пелистер полека заостанува во таа трка за кам-бек во Првата лига и сега е на минус шест од позициите кои водат во елитата.
Вистинско понижување доживеа Тетекс на гости кај Беса откако „штофарите“ добија фудбалска лекција и загубија со 1-0, додека Караорман славеше во „третолигашката пресметка“ со Арсими со 2-0, откако овие два клуба во оваа сезона влегоа во Втората лига. Победи и Охрид кај Борец во Велес за да ги остави велешани и по седум кола на „нула“.
Утре колото ќе го комплетираат Локомотива и Кожув.
ВТОРА ЛИГА,
Беса – Тетекс 6-1
Борец – Охрид 1-2
Детонит Плачковица – Пелистер 1-0
Караорман – Арсими 2-0
Гостивар – Беласица 0-0
Каменица Саса – Вардар 0-2
Воска Спорт – Слога Виница 3-0
УТРЕ
Локомотива Пехчево – Кожув
ТАБЕЛА
Вардар 19, Воска 17, Гостивар 15, Детонит П. 13 (-1), Пелистер 11, Беса 11, Арсими 9, Беласица 9, Кожув 7 (-2), Тетекс 7, Караорман 7 (-1), Охрид 7 (-1), Слога В. 6, Каменица Саса 5, Локомотива Пехчево 3, Борец 0.