Лионел Меси кој синоќа го надмина Диего Марадона по број на мундијалски мечеви (22) се запиша и во црната историја на Мундијалите, како прв на кого му одбраниле два пенали на Светските првенства, откако промаши од белата точка против Полска во првиот дел (му одбрани Војчех Шчесни).
Но, Аргентина со најдобриот настап досега во Катар, со тотална доминација и дузина шанси успеа да ја победи Полска со 2-0 со голови на Алексис Мекалистер и Хулијан Алварез, па Меси кој освен пеналот имаше уште пет шанси и сите полскиот голман му ги фати посочи дека промашувањето на пеналот го направила тимот уште посилен.
„Многу бев бесен за промашениот пенал, ама тимот после таа голема моја грешка излезе – посилен. Знаев дека кога ќе дадеме прв гол, ќе се смени мечот. Влеговме и во него откако против Мексико ни падна голем товар, а сега нè чека Австралија, меч кој ќе биде уште потежок“, рече Меси.
Аргентина во осминафинале ќе игра против „кенгурите“, кои првпат по 2006 година ќе играат во нокаут-фазата кога испаднаа од идниот светски првак Италија.
„Во денешно време секој секого може да победи и тоа се случува многу често. Затоа велам нè чека тежок меч за кој ќе мора уште подобро да се подготвиме и верувам дека ќе го направиме тоа на најдобар начин. Сè што мора да направиме е да останеме смирени, без еуфории и да одиме од меч во меч. За нас после секоја победа почнува ново Светско првенство и јас се надевам дека ќе продолжиме како што тоа го сторивме со Полска“, додаде Меси.
Аргентинскиот велемајстор кој е единствениот играч што бил и најмлад и најстар со гол и асистенција на еден меч, се запиша во историјата и најстар после Диего Марадона кој успеал на еден мундијалски меч да запише повеќе од пет шанси и повеќе од пет дриблинзи. Великанот Марадона тоа го направи на СП во САД во 1994 година против Нигерија.