Четири осминафинални парови се комплетирани, па новата доза супервозбуда вечерва ќе кулминира во најизрамнетата група, барем бодовно, зашто еден куп математики има кој како до осминафинале, иако великаните Шпанија и Германија остануваат апсолутни фаворити за пласман, а прашањето е дали Хрватска ќе ја спакува Белгија, бронзената од минатиот Мундијал да си оди дома?
Битката на светскиот вицепрвак Хрватска против бронзената од Русија, Белгија ќе биде во фокус во разврската во групата Ф, каде едно е само познато дека Канада нема шанси за осминафинале. Дуелите стартуваат од 16 часот, а освен мечот Хрватска-Белгија, ќе играат и Мароко-Канада, во завршната рунда во која Хрватска влегува како лидер со 4 бода (4-1), пред Мароко со 4 (2-0), Белгија е трета со три (1-2), а Канада последна и отпишана без бод (1-5).
– Хрватска ќе се пласира со победа или реми, но може и со пораз ако Канада го победи Мароко, па подобрата гол-разлика за Хрватите ќе ги однесе во осминафинале
– Мароко ќе оди во осминафинале со победа или реми, но може и со пораз, ама Белгија ќе мора да ја торпедира Хрватска со најмалку три разлика (ако Мароко загуби 0-1, Белгија да победи 3-0, или при 0-2 за Мароко да биде 4-0 за Белгија).
– Белгија сигурно ќе се пласира со победа, а со пораз испаѓа. Може Белгија во осминафинале и со реми, ама тогаш Канада ќе треба да го наполни Мароко со четири или повеќе разлика.
Во групата Е во која Костарика игра со Германија, на историскиот меч на кој првпат ќе суди дама и на мечот Шпанија-Јапонија. Шпанците како лидери со 4 бода (8-1 гол-разлика) влегуваат од пол-позиција, пред Јапонија со три (2-2), Костарика со три (1-7) и Германија со 1 (2-3).
За двата фаворити да се пласираат потребна е било каква победа на Шпанија и на Германија, но иако се апсолутни фаворити, фудбалот приредувал многу сензации, на ова СП видовме три, па секој има своја математика, своја желба, своја надеж дека може да дојде до нокаут-фазата.
– Шпанија ќе се пласира со победа или реми. Шанса да испадне е само ако загубат од Јапонија, а Костарика да ја победи Германија. Во сите други опции поради супериорната гол-разлика се во осминафинале.
– Јапонија во осминафинале ќе оди ако ја победи Шпанија. Може и со реми, ако Костарика одигра реми со Германија, па ќе решава гол-разликата во која Костариканците се убедливо најслаби поради 0-7 од мечот со Шпанците. Во било која друга варијанта со пораз од Шпанија и победа на Германија ќе бидат во аут поради послабата гол-разлика, во ситуација кога „панцерите“ и со 1-0 би оделе понатаму поради повеќе дадени голови (три наспроти двата на Јапонија).
– Костарика оди во осминафинале со победа против Германија или со реми, ама под услов Шпанија да ја победи Јапонија. Секоја друга опција на реми со „панцерите“ и реми или пораз на Шпанија на другиот меч ќе ги исфрли. Со пораз нема шанси да играат осминафинале.
– За четирикратниот светски првак Германија во игра е само победа за да останат во игра за осминафинале. Но, и таа победа не зависи од нив, зашто услов е Шпанија да не загуби од Јапонија. Има и луда опција, Германија да испадне при победа и со реми на Шпанија со Јапонците, ама со најмалку четири дадени голови. Во случајот 1-0 за Германија, а да биде 2-2 на другиот меч. Било која поубедлива победа на Германците од 2-0, 3-0 или повеќе на Јапонија ќе ѝ ја остави само опцијата да мора да победи со „фуријата“.