И двете репрезентации нема да бидат комплетни, но натпреварите ќе бидат корисни за селекторот Кире Лазаров, во изработката на стратегии и планови за натпреварите на СП. Кај нас недостасува Филип Кузмановски, кој уште вечерва ќе игра за Хановер, од утре ќе се приклучи во репрезентативниот камп во Маврово.
Црногорците се десеткувани, кај нив го нема и селекторот Зоран Рогановиќ, кој има клупски обврски во Шведска, па екипата ќе ја предводи помошникот Брано Божовиќ. Во составот ќе немаат девет интернационалци, сигурно сите дел од првите 16 кога Црна Гора би била комплетна – Симиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ, Чепиќ, Шеваљевиќ, Ласица, Грбовиќ, Анѓелиќ и Калуѓеровиќ. Сепак и без нив станува збор за ривал за почит, веројатно идеален, по мерка за оваа фаза од подготовките.
Исти ќе бидат составите и на утрешниот тест, а потоа репрезентацијата ќе се врати во Скопје, за дводневна, новогодишна пауза. По 1 јануари, следуваат уште две тест-средби, на „Кроација куп“, во Хрватска, но пред тоа на третиот ден од новата година ќе се случи ревијалниот натпревар со хуманитерен карактер, на кој ќе видиме судир на генерации: актуелната репрезентација на Македонија против ѕвездите кои се опростиле од националниот дрес во последниве 15-тина години.
СП почнува на 11 јануари, а Македонија ќе игра во Краков, против Аргентина, Норвешка и против Холандија, на 13, 15 и 17 истиот месец.