Поранешната белоруска пливачка и освојувачка на три медали од Олимписките игри Александра Херасименија е осудена во отсуство на 12 години затворска казна поради „создавање на екстремистичка група“, објави организацијата за заштита на човекови права „Вијасна“.
Херасименија е олимписка вицешампиока на 50 и 100 метри слободно од ЛОИ во Лондон 2012 година, а го освои бронзениот медал на 50 метри слободно на Игрите во Рио де Жанеиро.
Според невладината организација, судењето започнало на 19 декември, а Херасименија експресно била прогласена за виновна за „повикување на воведување санкции на Белорусија“ и за „ширење на лажни информации“ за време на протестите во земјата во 2020 година.
Тогаш, за време на протестите, поради победата на Лукашенко на претседателските избори, за кои невладините организиции приложија доста докази дека биле наместени, поранешната пливачка заедно со останати белоруски спортисти потпиша отворено писмо во кое се бараа фер и слободни избори.
Во меѓувреме, Херасименија формира и Здружение за спортска солидарност, кое им дава правна и финансиска помош на белоруските спортисти, кои се цел на властите во Минск.
За режимот на Лукашенко, ова Здружение е „екстремистичка формација“ и поради тоа се најде на удар на властите.
Минатата година пливачката за 13.500 евра го продаде златниот медал што го освои на Светското првенство во 2011 година на 100 метри слободно и парите ги искористи за да им помогне на спортистите што му се спротивставија на режимот на Лукашенко. Александра Херасименија во 2019 година се повлече од пливањето и живее во егзил.