Македонската ракометна репрезентација се врати од Пореч на Кроација куп, а по еден ден одмор денеска се врати во сала за завршни тренинзи пред заминувањето за Краков. Дуелите со Израел и со Хрватска понудија една победа, еден пораз и многу податоци за селекторот Кирил Лазаров и неговиот стручен штаб да можат да направат завршни корекции во нашата игра.
Лазаров е задоволен од подготвителниот турнир и смета дека одиграните средби биле добредојдени. Тоа ќе покаже што треба да се поправи овие три дена во Скопје, како на пример одбраната, која беше еден од послабите елементи во нашата игра.
„Овој квалитетен турнир беше добредојден за нас. Квалитетни пријателски натпревари се многу подобра опција отколку само тренинг. Останува уште малку време до почетокот на СП, а ќе го искористиме да поработиме конкретно на некои детали што ни беа послаби во нашата игра“, изјави Лазаров.
Во Пореч тој ги немаше на располагање Филип Талески и Никола Митревски, двајца ракометари, кои сигурно ќе бидат во првата седморка на паркетот на секој од натпреварите, ако се здрави. Талески го истегна скочниот зглоб и овие неколку дена требаше да му бидат добредојдени за закрепнување, додека на Митревски само му требаше одмор. Меѓутоа дури и да беше комплетна Македонија, јасна беше намерата на Лазаров во Пореч да им даде што повеќе шанса на сите играчи, за да покажат кој е најподготвен за патувањето во Краков. Селекторот вели дека уште го нема конечниот список со патници во глава.
„Во Полска патуваме со 18 играчи, но како опција ќе останат сите 21 ракометар, кои ги изработија подготовките. Имам уште неколку дилеми за конечните патници, најдоцна до среда мислам дека ќе донесам одлука“, рече Лазаров.
Првиот натпревар на СП, Македонија го игра против Норвешка, в петок на 13 јануари. Два дена подоцна ќе се соочиме со Холандија, а на 17 јануари противник ни е Аргентина. Потребно е да завршиме, барем на третото место во групата за да одиме во втората фаза.