Македонија ќе биде влечена од вториот по квалитет „барабан“, бидејќи го презеде рејтингот што го уживаше Чешка. Тоа значи ќе ги избегнеме останатите седум кои се сместени во истото друштво: Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Бразил, Црна Гора и Полска.
Важно е кој противник ќе го добиеме од барабанот со носители, но можеби не помалку важен е ривалот од третиот барабан, затоа што во него има квалитетни селекции како Србија и Унгарија, но и тимови како Саудиска Арабија, Чиле или третопласираниот во Африка.
Според правилата, во секоја од осумте групи има по четири селекции, од нив три продолжуваат во втората главна фаза, каде што се вкрстува со три репрезентации од друга група. Затоа важно ќе биде и да се помине во главниот сегмент, но и да се пренесе некој бод таму.
БАРАБАН 1: Данска, Шведска, Норвешка, Франција, Шпанија, Исланд, Германија, Африка 1
БАРАБАН 2: Хрватска, Катар, Белгија, Португалија, Бразил, Црна Гора, Полска, Македонија
БАРАБАН 3: Србија, Унгарија, Аргентина, Бахреин, Саудиска Арабија, Африка 2, Чиле, Африка 3
БАРАБАН 4: Уругвај, Африка 4, Африка 5, Иран, Јужна Кореја, Северна Америка и Кариби 1, вајлд карта 1, вајлд карта 2
Веќе е јасно дека Македонија нема да игра во групите Б и Г, во Катовице, односно во Јончепинг, бидејќи таму е пополнета позицијата за вториот „шешир“ со Полска, односно со Хрватска. Домаќините имаат право да си одберат град-домаќин, а од поново време се врши распределба и на носителите, па така Шпанија и Норвешка се во двете групи во Краков, Германија и Франција (или шампионот на Африка) се во двете конкуренции во Катовице, Швдска си го одбра Гетеборг, Исланд е во Кристијанштад, Данска во Малме, а втората опција за Франција или шампионот на Африка е Јончепинг, заедно со Хрватска.
група А (Краков) – Шпанија
група Б (Катовице) – Франција/Африка 1, Полска
група Ц (Гетеборг) – Шведска
група Д (Кристијанштад) – Исланд
група Е (Катовице) – Германија
група Ф (Краков) – Норвешка
група Г (Јончепинг) – Франција/Африка 1, Хрватска
група Х (Малме) – Данска