Германскиот ракометен гигант Магдебург е освојувач на Супер Глоуб турнирот што се одржува во Саудиска Арабија откако во големото финале вечерва ја совлада Барселона со 41-39 по продолжението.
Натпреварот по регуларните 60 минути заврши 35-35, а по првото полувреме Германците водеа со 21-17. Вториот дел им припадна на Каталонците, но не успеаја да направат целосен пресврт за победа во регуларниот дел.
Омар Инги Магнусон постигна 12 голови за бундеслигашот, Данел Петерсон, Гисли Кристијансон и Лукас Мертенс имаа по шест. Никола Портнер со 15 одбрани се истакна на голот кај Магдебург. Кај Барселона, Алеиш Гомезе Абелјо имаше 10 голови, седум реализираше Лудовик Фабрегас.